МЕЃУНАРОДНА ПАНЕЛ ДИСКУСИЈА – МИГРАЦИИ

ноември 17, 2015
во Категорија: 17.11. (вторник), cinedays2015, Миграции
1900 0
17. 11. | 12:00 | кино Фросина


Миграциите претставуваат еден од главните показатели на основните општествени промени во рамките на современите општества. Тие се одвиваат во рамките на иста земја, но миграциите може да се одвиваат и од една земја во друга, а модернизацијата – индустријализацијата се препознава како главен придвижувач на миграциите.
Историјата нè потсетува (учи) дека големите војни и конфликти (без оглед дали станува збор за религиозни, етнички, политички, социјални, или мотивирани од други причини) предизвикуваат големи придвижувања на населението. Да се потсетиме на Бартоломејската ноќ, Триесетгодишната војна во Европа, Балканските војни, Првата светска војна, Втората светска војна, но и на не така далечната војна во поранешна Југославија, чии последици сѐ уште се чувствуваат на овие простори. Повеќе од еден милион население од просторот на поранешна Југославија се иселило, претежно во земјите од Европската унија, но и во Северна Америка, како последица само на оваа војна. Ваквите состојби се повторуваат и во други земји што транзитираат од социјализам во капитализам.
Денес Европа повторно се соочува со експлозија на феноменот миграција: но овојпат таа е цел на бегалци особено од Сирија, но и од Авганистан, Ирак, Еритреја, Либија и други држави зафатени и разорени од воени судири. Сведоци сме на реки бегалци што поминуваат низ Македонија пеш, со велосипеди, автобуси, возови, такси возила, а со цел да стасаат во побогатите земји на Европската Унија, а пред сè во, за нив новата Мека, – Германија. Летово се регистрирани повеќе од 120.000 бегалци што поминале низ Македонија.
Големиот број бегалци што бараат азил во земјите членки на Европската Унија неизбежно предизвикуваат грижи околу последиците од нивното евентуално згрижување: преоптоварување на економиите, намалување на цената на работната сила (особено на ниско квалификуваната работна сила), намалување на социјалната помош и нејзино построго контролирање, капацитетот на домицилните култури за интеграција на реките бегалци – азиланти, но и стравот од инфилтрирање на терористи. Неподготвеноста на земјите членки на ЕУ да се соочат со приливот на бегалци се покажа во немањето заедничка кохерентна политика и стратегија за дејствување, што резултираше со подигнување огради, и политички, но и физички.
Меѓутоа, се поставуваат прашањата дали меѓународната заедница (ОН, НАТО, ЕУ, САД) можела да направи повеќе напори, особено за смирување на граѓанската војна во Сирија, военото дејствување и дивеење на т.н. војска на Исламската држава на Ирак и Левант? Дали всушност станува збор за неуспех на меѓународната заедница и пораз на политиките на НАТО, ЕУ, САД за насилно демократизирање на арапските и на дел од северно-африканските општества? Дали недоволно е научено од историјата или наученото се подредува на парцијалните политички и економски интереси?
Предноста што ја има човечката цивилизација во 20 и 21 век во однос на претходните историски периоди за придвижување општествена реакција и дејствување е моќта на аудио-визуелните медиуми. Сликата, звукот и текстот, без оглед дали се во форма на информација, социјална мрежа, документирање, уметнички израз, ја имаат можноста да ги прикажат животните стории на бегалците, состојбата во нивните општества од каде што бегаат, условите во бегалските кампови, проблемите со кои секојдневно се соочуваат за да преживеат, а со тоа да предизвикаат реакција на општествената јавност и да ја мобилизираат за помош на бегалците и да извршат притисок врз политичките институции за институционално дејствување. Но, најзначајно од сѐ е можноста да се демистифицира опасноста од овие луѓе, кои се обидуваат да преживеат.

Константин Миноски


Константин Миноски
е роден во 1964 година во Скопје. Тој е доктор на социолошки науки и редовен професор на Институтот за социологија при Филозофскиот факултет – Скопје, на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Неговите истражувања се во областа на социологија на етничките групи, социолошките теории, социологијата на спортот. Во моментот е претседател на Здружението на социолози на Република Македонија, потпретседател на Македонскиот центар за култура и уметност во Скопје и на Европското движење во Република Македонија.

Оѓуз Аданир е роден во 1951 година во Измир, Турција. Докторира на Универзитетот Пантеон Сорбона со тезата „Ефектите на телевизијата во една неразвиена земја, пример: Турција“. Од 1994 година работи како професор на Универзитетот Доку Ејлил, на Факултетот за уметност, Катедра за филмска и тв програма. Предава повеќе предмети како Филмска семиотика, Сценарио, Симулациска теорија и филм. Автор е на повеќе есеи за филмот и телевизијата, и на голем број публикации (автор и преведувач) за филм, симулациски теорија, култура и уметност. Низ работниот век има учествувано како консултант на голем број документарни филмови.

Проф. д-р Петjа Кабакчиева била шеф на Катедрата за социологија на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ во Софија (2007-2015) како и шеф на постдипломските студии по Политичка социологија на истата катедра. За време на нејзиното богато работно искуство, таа ја вршела функцијата заменик-претседател на Здружението на социолози на Бугарија. Нејзиното основно поле на интерес е политичката социологија, со фокус на граѓанскиот активизам, граѓанското општество, новите идеолошки идентификации, историската социологија на социјализмот и миграциските студии. Има учествувано на голем број истражувања, и бугарски и билатерални. Автор е на неколку книги и повеќе трудови.

Проф. д-р Рагип Таранч е роден во Измир во 1962 година. Во 1985 магистрира со тезата „Жената и сексуалноста во турскиот филм по 1980 г.“ и во 1987 докторира со тезата „Естетските проблеми на ТВ сериите“. Рагип Таранч е дел од Катедрата за филм на Факултетот за уметност на Универзитетот Докуз Ејлул, а истовремено е шеф на Катедрата за филмска продукција и режија. Таранч предава режија и актерска игра на додипломски студии. Има добиено голем број награди и признанија како режисер на документарни и долгометражни филмови. Неговата академска работа во голема мера ги опфаќа темите – миграции, женски студии, ориентална култура и современи проблеми во турскиот филм.

Роланд Феферкорн е професор по социологија на Универзитетот во Стразбур. Неговите теми на истражување ги опфаќаат општествените нееднаквости во современа Франција, вклучувајќи ја и нивната динамика и кумулативната димензија; нееднаквостите помеѓу мажите и жените истражувани во контекст на интерсекционалистичкиот пристап, пред сè полот и социјалната категорија, а потоа расата и возраста, а поопшто и артикулацијата на овие различни општествени односи.
Овие истражувања се посветени на тензиите предизвикани од економски, политички и морални неправди и на отпорот што се јавува; контраверзите што ги предизвикуваат во делокругот на јавниот простор; движењата на мислењето и мобилизациите на локално ниво што ги обединуваат реакциите против откриените неправди; еволуцијата на јавната политика. Покрај тоа, тој претходно има работено на компаративно истражување на меѓугенерациските односи во Франција и Јапонија што резултира со француско-јапонско издание. Оваа соработка, од 2014 година, продолжува во рамките на Катедрата за азиски студии на Универзитетот во Кјото.

Во 2009 година, Зехра Јигит докторира на темата „Сликите на менталната конфузија во турскиот филм по 1980 година во процесот на модернизација“ на Катедрата за филм и тв на Факултетот за уметност, на Универзитетот Ејлул. Завршува постдокторски студии на Оксфорд, на Ориентални студии. Во моментов е вонреден професор на Катедрата за филм и тв на Факултетот за уметност на Универзитетот Акдениз и предава предмети како Историја и социологија на турскиот филм, Филмска критика, Филм и културолошки студии, Филмска култура.

Антоанела Петковска е родена во 1958 година во Скопје. Таа е доктор на социолошки науки и редовен професор на Филозофскиот факултет – Скопје, каде што предава на првиот, вториот и третиот степен на студии од областа на социологијата. Предава и на Интердисциплинарните студии по новинарство на Правниот факултет во Скопје. Нејзината научна дејност ги опфаќа полињата на социологијата на културата и уметноста, социологијата на младината, европската цивилизација, родовите студии, интеркултурната комуникација и др. Автор е на повеќе студии од овие области, а била член, како и раководител на повеќе истражувачки проекти. Од 2009 до 2012 година била претседател на Здружението на социолози на Република Македонија, а во моментов е претседател на Македонскиот центар за култура и уметност, како и на Музичката младина на Република Македонија.

Проф. Берак Таранч е родена 1962 година во Измир. Дипломира на Универзитетот Докуз Ејлул, на Катедрата за музички уметности при Факултетот за применети уметности во 1983 година. Магистрира на Институтот за социјални науки при истиот факултет. Академската кариера ја започнува на Егејскиот универзитет, на Државниот конзерваториум за турска музика, како член на факултетот, а во 1990 година станува асистент.
Таа е вреден истражувач/музичар што напредува во академската кариера со мелодии што го поврзуваат минатото со сегашноста и има создадено уметнички дела што ни покажуваат дека сета музика, во суштина е поврзана. Проф. Берак Таранч е добитник на наградата Call to World Peace од Universal Brotherhood. Во моментов работи како професор на Егејскиот универзитет, на Државниот конзерваториум за турска музика и фундаментални науки, на Катедрата за турска музика.

Никица Гилиќ е роден 1973 година во Сплит. Докторира на Филмска теорија во Загреб, во 2005 година. Предава Филмска теорија и историја на Катедрата за компаративна книжевност при Факултетот за хуманистички и општествени науки и на Академијата за драмски уметности во Загреб. Има држено предавања на универзитети во Берлин, Регенсбург, Констанц, Грац и Брно. Главен уредник е на „Хрватски филмски хроники“, член е на издавачкото раководство на интернет-весниците Images (Хрватска) и Apparatus (Германија). Во 2015 година станува научен соработник на Факултетот за источни и југоисточни европски студии (Универзитет Лудвиг Максимилијан – Минхен, Универзитет на Регенсбург). Работел како уредник на неколку книги, меѓу кои, „Партизани во Југославија. Литература, филм и визуелна култура“ (Билефелд, 2015 г.; заедно со М. Јакиша) и „60 години хрватски филм и Филмски фестивал во Пула“ (Загреб, 2013 г.; заедно со З. Видачковиќ).

Емануела Клаудија Дел Ре е италијански научник, експерт по геополитика, одбранбени и мировни студии и безбедносни прашања и универзитетски професор. Експерт е за Балканот, Блискиот Исток, Кавказ и Северна Африка.
Емануела Клаудија Дел Ре дипломирала Политичка и економска антропологија на Универзитетот „Ла Сапиенца“ во Рим и завршила докторски студии по Социјални и политички науки на Европскиот универзитетски институт (Фиезоле, Фиренца, 1997-2000 г.). Предава Политичка социологија и Социологија на политичките феномени на Блискиот Исток на Унискано и Универзитетот Рома Тре во Рим.
Таа е основач и претседател на ЕПОС (Меѓународна оперативна агенција за посредување и преговарање), агенција којашто работи под надлежност на разни институции во полето за преговори за меѓународни, национални и локални кризи. Таа исто така го започнала и го води проектот „Мојата иднина за бегалците од Сирија“, чија цел е повторна изградба на сириското граѓанско општество, проект финансиран од страна на Италијанското министерство за надворешни работи и Европската комисија, спроведен во Јужен Курдистан и Јордан (2012-2015 г., во тек).
Има објавено голем број дела на меѓународно ниво, автор е на повеќе книги и есеи објавувани во водечките научни списанија и ревии.