Миграциите не се нешто необично

ноември 19, 2015
во Категорија: cinedays2015, Вести
2412 3
Миграциите не се нешто необично

Миграциите не се нешто необично, но многу е важна причината поради која се случуваат

Во период кога Европа се соочува со експлозија на феноменот миграција, овојпат како цел на бегалци од Сирија, но и од Авганистан, Ирак, Еритреја, Либија и други држави зафатени и разорени од воени судири, Фестивалот на европски филм „Синедејс“ организираше Меѓународна панел-дискусија на тема „Миграции“. „Луѓето бегаат бидејќи не сакаат да умрат“, рече проф. д-р Рагип Таранч, еден од деветте учесници во дискусијата.

Панел-дискусијата на „Синедејс“ беше посветена не само на социолошкиот аспект на темата, туку и како филмската индустрија може да влијае врз јавното мислење пренесувајќи ги животните стории на бегалците преку слика и звук. „Миграциите претставуваат еден од главните показатели на основните општествени промени во рамките на современите општества“, најави професорот Константин Миновски, кој беше модератор на панел-дискусијата.

„Политичарите многу бавно го бараат решението на проблемот“ – рече Емануела Клаудија Дел Ре, италијански научник, експерт по геополитика, одбранбени и мировни студии и безбедносни прашања и универзитетски професор. Таа потенцираше неколку аспекти кои мораат побрзо да бидат разрешени со цел интергација на мигрантите во новите средини, како храна и сместување, образование и овозможување услови за работа.

Емануела Клаудија Дел Ре е експерт за Балканот, Блискиот Исток, Кавказ и Северна Африка. Дипломирала Политичка и економска антропологија на Универзитетот „Ла Сапиенца“ во Рим и завршила докторски студии по Социјални и политички науки на Европскиот универзитетски институт (Фиезоле, Фиренца, 1997-2000 г.). Предава Политичка социологија и Социологија на политичките феномени на Блискиот Исток на Унискано и Универзитетот Рома Тре во Рим.

Таа е основач и претседател на ЕПОС (Меѓународна оперативна агенција за посредување и преговарање), агенција којашто работи под надлежност на разни институции во полето за преговори за меѓународни, национални и локални кризи. Таа, исто така, го започнала и го води проектот „Мојата иднина за бегалците од Сирија“, чија цел е повторна изградба на сириското граѓанско општество, проект финансиран од страна на Италијанското министерство за надворешни работи и Европската комисија, спроведен во Јужен Курдистан и Јордан (2012-2015 г., во тек).

Зборувајќи од аспект на историчар на филмот, хрватскиот експерт Никица Гилиќ објасни дека во историјата на југословенската кинематографија има многу примери на филмски третман на темата „Миграции“.

„Историски факт е дека во Југославија имало етничко чистење на Италијанци, Германци и Австријци по Втората светска војна. Потоа, има многу примери на филмови за миграции од политички и економски причини, за миграции село-град, за миграции во Западна Германија на работа. Има и филмови за конфликтот меѓу првите генерации што заминале на работа во Европа и сакале да е вратат во Југославија со новите генерации кои веќе се интегрирале во европското општество“, објасни Гилиќ.

Никица Гилиќ е роден 1973 година во Сплит. Докторира на Филмска теорија во Загреб, во 2005 година. Предава Филмска теорија и историја на Катедрата за компаративна книжевност при Факултетот за хуманистички и општествени науки и на Академијата за драмски уметности во Загреб. Работел како уредник на неколку книги, меѓу кои, „Партизани во Југославија. Литература, филм и визуелна култура“ (Билефелд, 2015 г.; заедно со М. Јакиша) и „60 години хрватски филм и Филмски фестивал во Пула“ (Загреб, 2013 г.; заедно со З. Видачковиќ).

„Повеќе од 2 милиони Турци заминаа на работа во Европа, најмногу во Германија, во 60-тите години на минатиот век. Тие мигрираа, но нивниот дух остана. Ментално тие и понатаму се Турци. Првата генерација е ’изгубена генерација‘ бидејќи не можеше целосно да се интегрира во германското општество, а следните генерации се интегрираа, но продолжија да ги бараат своите турски корени и сопствениот идентитет“ – рече Оѓуз Аданир од Турција.

Оѓуз Аданир докторира на Универзитетот Пантеон Сорбона со тезата „Ефектите на телевизијата во една неразвиена земја, пример: Турција“. Од 1994 година работи како професор на Универзитетот Доку Ејлил, на Факултетот за уметност, Катедра за филмска и тв програма. Предава повеќе предмети како Филмска семиотика, Сценарио, Симулациска теорија и филм. Автор е на повеќе есеи за филмот и телевизијата, и на голем број публикации (автор и преведувач) за филм, симулациски теорија, култура и уметност. Низ работниот век има учествувано како консултант на голем број документарни филмови.

„Луѓето мигрираат, а институциите состаночат“ – рече Петjа Кабакчиева од Бугарија, која зборуваше за тешката судбина и проблемите на децата на мигрантите. Таа ги категоризираше децата во три главни групи: дека кои без родителите биле пренесени во други држави, деца кои мигрираат заедно со родителите, но и деца кои останале во матичните држави, а родителите заминале во странство.

„Родителите секогаш мигрираат за да обезбедат подобра иднина за своите деца, но факт е дека на децата на мигрантите често им недостига родителска грижа“, потенцираше проф. д-р Петjа Кабакчиева.

За време на нејзиното богато работно искуство, Кабакчиева ја вршела функцијата заменик-претседател на Здружението на социолози на Бугарија. Нејзиното основно поле на интерес е политичката социологија, со фокус на граѓанскиот активизам, граѓанското општество, новите идеолошки идентификации, историската социологија на социјализмот и миграциските студии. Има учествувано на голем број истражувања, и бугарски и билатерални. Автор е на неколку книги и повеќе трудови.

„Миграцијата е многу лична одлука. Сириската криза е голем егзил и геноцид. Луѓето бегаат бидејќи не сакаат да умрат“, рече проф. д-р Рагип Таранч од Турција, кој зборуваше за повеќе примери на миграции, вклучително и за миграцијата на жени од Косово во Турција.

Рагип Таранч е роден во Измир. Во 1985 магистрира со тезата „Жената и сексуалноста во турскиот филм по 1980 г.“ и во 1987 докторира со тезата „Естетските проблеми на ТВ сериите“. Рагип Таранч е дел од Катедрата за филм на Факултетот за уметност на Универзитетот Докуз Ејлул, а истовремено е шеф на Катедрата за филмска продукција и режија. Таранч предава режија и актерска игра на додипломски студии. Има добиено голем број награди и признанија како режисер на документарни и долгометражни филмови. Неговата академска работа во голема мера ги опфаќа темите – миграции, женски студии, ориентална култура и современи проблеми во турскиот филм.

Професорката Зехра Јигит од Катедрата за филм и ТВ на Факултетот за уметност на Универзитетот Акдениз во Турција зборуваше за миграциите од рурална во урбана средина со примери од Истанбул.

„Луѓето од руралното ги носат своите навики во урбаното опкружување. Често тие се шокирани од гужвите по улиците, од модерното и индустријата, тешко наоѓаат работа и едноставно се губат во хаосот на метрополите“, рече Јигит.

Зехра Јигит докторирала на темата „Сликите на менталната конфузија во турскиот филм по 1980 година во процесот на модернизација“ во 2009 година. Завршила постдокторски студии на Оксфорд на Ориентални студии.

„Миграцискиот процес ќе има последици врз државните политики, но тие ќе бидат видливи дури по 20 години. Но, факт е дека неолиберализмот на западното општество веќе не е ист. Системот треба да се развива во таа насока да ги решава проблемите со документите на мигрантите, да се намали национализмот и исламофобијата, религијата да се оттргне од државата, а медиумите да не го разгоруваат национализмот и да не поттикнуваат исламофобија“, констатира Роланд Феферкорн од Франција.

Тој потенцираше дека „тероризмот што се случи во Париз е криминал со политичка позадина“.

Роланд Феферкорн е професор по социологија на Универзитетот во Стразбур. Неговите теми на истражување ги опфаќаат општествените нееднаквости во современа Франција, вклучувајќи ја и нивната динамика и кумулативната димензија; нееднаквостите помеѓу мажите и жените истражувани во контекст на интерсекционалистичкиот пристап, пред сè, полот и социјалната категорија, а потоа расата и возраста, а поопшто и артикулацијата на овие различни општествени односи.

Овие истражувања се посветени на тензиите предизвикани од економски, политички и морални неправди и на отпорот што се јавува; контраверзите што ги предизвикуваат во делокругот на јавниот простор; движењата на мислењето и мобилизациите на локално ниво што ги обединуваат реакциите против откриените неправди; еволуцијата на јавната политика.

„Исак Асимов го смета човештвото за вирус во Универзумот“ – рече Антоанела Петковска на почетокот на своето излагање, во кое образложи дека миграциите не се нешто необично во човековата цивилизација, туку проблемот е во причините поради кои миграциите се случуваат. Актуелните миграции се случуваат поради нашиот „социјален инженеринг“ – рече Петковска.

Антоанела Петковска е родена во 1958 година во Скопје. Таа е доктор на социолошки науки и редовен професор на Филозофскиот факултет – Скопје, каде што предава на првиот, вториот и третиот степен на студии од областа на социологијата. Предава и на Интердисциплинарните студии по новинарство на Правниот факултет во Скопје. Нејзината научна дејност ги опфаќа полињата на социологијата на културата и уметноста, социологијата на младината, европската цивилизација, родовите студии, интеркултурната комуникација и др.

„Владите никогаш не правеле доволно за да се зачува мултикултурниот амбиент на одредена средина“ – рече Берак Таранч, која повеќе зборуваше од музиколошка гледна точка.

Проф. Берак Таранч е родена 1962 година во Измир. Дипломира на Универзитетот Докуз Ејлул, на Катедрата за музички уметности при Факултетот за применети уметности во 1983 година. Магистрира на Институтот за социјални науки при истиот факултет. Академската кариера ја започнува на Егејскиот универзитет, на Државниот конзерваториум за турска музика, како член на факултетот, а во 1990 година станува асистент.
Таа е вреден истражувач/музичар што напредува во академската кариера со мелодии што го поврзуваат минатото со сегашноста и има создадено уметнички дела што ни покажуваат дека сета музика, во суштина е поврзана.

Модераторот на панелот, Константин Миноски, е доктор на социолошки науки и редовен професор на Институтот за социологија при Филозофскиот факултет – Скопје, на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Неговите истражувања се во областа на социологија на етничките групи, социолошките теории, социологијата на спортот. Во моментот е претседател на Здружението на социолози на Република Македонија, потпретседател на Македонскиот центар за култура и уметност во Скопје и на Европското движење во Република Македонија.

Тони Димков

*Текстот е преземен од порталот МКД.МК

http://www.mkd.mk/kultura/migraciite-ne-se-neshto-neobichno-no-mnogu-e-vazhna-prichinata-poradi-koja-se-sluchuvaat