Доделени наградите за филмска критика

ноември 22, 2015
во Категорија: cinedays2015, Вести
3195 2
Доделени наградите за филмска критика

Жирито во состав Влатко Галевски, Васко Маглешев и Ана Поп Стефанија ги доделија следните награди за Нова Филмска Критика, по редослед I , II и III место:

1. Марина Верушевска – „Коза“
Со едноставен, но зрел и аналитичен израз, Марина Верушевска го портретира словачкиот филм „Коза“. Навидум едноставната јазична семантика на Верушевска, кореспондира со филмскиот јазик на режисерот. Но, зад таа едноставност Марина нуди мал океан од значења, кои суптилно ги опишува.

2. Ивана Сарош – Нелковска – „Помеѓу 10 и 12“
Убавината на оваа рецензија е во обидот за доловување на човековото прифаќање на драмата на ликовите. Колку е што филмот семaнтички конзистентен, толку е и рецензијата на Сарош – Нелковска. Критичката доследност се сведува на аналитичка прецизност во читањето на филмот.

3. Сашо Пшенко
Наместо за конкретна филмска критика, оваа награда се доделува за автентичен и изграден сопствен стил во пишувањето и вреднувањето на филмските дела – критиките за: „Далеку одовде“, „Мустанг“ и „Престапниците“.

Во продолжение, наградените текстови:

Приказна за борбата надвор од рингот: Критички осврт кон филмот „Коза“ на Иван Острочовски (Марина Верушевска)
Уште од првата сцена, филмот јасно дава до знаење дека ова ќе биде филм кој нема да ве поштеди, филм во кој нема херои, ниту шампиони. Станува збор за поранешниот олимписки боксер Петер „Коза“ Балаш, кој треба да најде пари за абортус на неговата девојка Миша, и тргнува на турнеја со неговиот менаџер Звонко. Тој не оди да победи, туку да преживее.
Филмот, спакуван како целина, претставува целосен производ, креација на режисерот Иван Острочовски (Ivan Ostrochovský) кој се потпишува како режисер и косценарист, односно пишувач на приказната. Неговиот наративен приказ изненадува со искреност и убавина. Филмот е еден совршен баланс на документаристика и фикција. Дејството се одвива како една патувачка приказна, која оди низ замрзнати предели и само делумно ги открива карактерите преку ретките дијалози. Карактерите на ликовите се откриваат преку делување, а не зборување. Оставено е на гледачот самиот да направи конструкција за нив, тие се прикажани ненаметливо реални, какви што се, во нивниот обид да преживеат кој како знае и умее.
Ликовите се глумат самите себе, тие не се професионални актери, значителен податок кој го формира тој документаристички дел. Динамиката на односот на главните ликови Коза и Звонко, постојано се менува, благодарение на односот на Звонко кон Коза. Го потценува, го изгладнува, суров е кон него, за до крајот да видиме дека всушност се грижи за него. Звонко е одлично портретиран лик, човек со минато, кого животот не го поштедил и тој не знае да се однесува поинаку. Од друга страна, во овој однос Коза е пасивниот чинител, кој својот живот доброволно го предава во рацете на Звонко, во кого има целосна доверба. Коза е прикажан наивен како дете, но одлучен во својата цел, и по цена на живот. Победата е недостижна и веќе не му е потребна. Таа стои на VHS лента, нереална, како сеќавање за едно минато време. Уште еден „бивш“ човек е ликот на Јан Франек, боксер во пензија, кој исто така се глуми самиот себеси. Тој со неговата глума го носи трагикомичниот белег кој што е заедничка одлика за сите тројца и придонесува за дозираниот црн хумор кој го освежува тешкиот наративен тон.
Минималистичкиот израз на кинематограферот Мартин Колар, ја истакнува мизеријата и пропаѓањето, но на еден поетичен начин. Тој се служи со долги кадри кои секако не ги очекувате кога гледате филм за бокс. Но ова не е филм за бокс, ова е филм за сурово преживување, а боксот е само алатка која се користи да за стигне до пари. Квалитетните долги кадри не запаѓаат во монотонија. Таа се избегнува со импресивните сцени на замрзнати предели, грандиозни во своето пропаѓање, сурови и реални, и затоа толку убави. Статичната камера го открива сензибилитетот на Колар како фотограф, и воедно нуди една психолошка дистанца, но сепак успева да поттикне емпатија кај гледачот кој со развивањето на настаните, е загрижен за здравјето на Коза. Додека животот е суров кон протагонистите, филмот им нуди утеха, но без лажно прикажување, туку преточена преку една искрена човечка димензија во која вистинските херои се надвор од рингот.

Исплакувајќи ги туѓите солзи

BETWEEN 10 AND 12 (2014) – Ивана Сарош Нелковска
Ладен, а од друга страна премногу чувствителен. Прецизен, а од друга страна премногу несигурен. Смирен, а од друга страна премногу нервозен. “Помеѓу 10 и 12” на Peter Hoogendoorn е филм кој во себе ги содржи дијаметрално спротивните состојби на човековата природа. Филм кој е интимно човечки, кој во центарот на својата фабула го става само објавувањето на трагичната вест за смртта на ќерката и понатаму се развива во неочекуван, филмски чуден правец.
Ништо не се случува – тоа е првото нешто кое секој би го констатирал уште во првите 15 минути од филмот – и ништо различно нема да се случи до крајот. “Помеѓу 10 и 12” е заглавен во една состојба, во состојбата на болка. Девојката (Elise van ‘t Laar) е ставена во неочекувана и силно непријатна состојба каде што го придружува својот дечко, заедно со двајцата полицајци, да ги собере своите родители и да им соопши дека нивната ќерка, неговата сестра, загинала во сообраќајна несреќа. Девојката, постојано присутна, како нем сведок ја дели траумата која семејството ја доживува, ги собира солзите кои не се исплакани поради претрпениот шок. Во последните минути од филмот, таа, како четврти непознат член, без никогаш да ја запознае загинатата девојка, го исплакува туѓото бреме сама седната на тротоарот.
“Помеѓу 10 и 12” е силно емотивна драма, која ги крши стереотипите за акционо филмско дејствие и во својот центар ја става само емотивната траума низ која поминуваат неговите протагонисти. Овој филмски експеримент е пред сѐ успешен затоа што успева да го задржи вниманието на публиката држејќи ја во постојана тензија за тоа што понатаму ќе се случи.
Инспириран од стереотипот за ладнокрвноста на скандинавците, Hoogendoorn, во своето филмско деби пренесува автобиографска приказна која не е експресивно патетична и загушена од емотивен набој за темата која ја обработува туку сосема спротивното. Во тишината и смиреноста се чувствува силен набој и внатрешен крик на секој од семејството.
Hoogendoorn постојано нѐ води кон различни секојдневија, нѐ става во позиција на таен набљудувач кој на почетокот сведочи за една рутина во живеењето за потоа истата да биде прекршена со појавувањето на полицискиот автомобил.
Со специфичен авторски израз на ладни, геометриски прецизни кадри кои покрај празнината што ја доловуваат како емотивна состојба на луѓе кои самата рутина ги има направено “помалку човечни”, режисерот, после секое заминување на полицискиот автомобил  го остава кадарот да трае и да долови уште поголема тегобност. Полицискиот автомобил постојно остава празнина позади себе. Патот кој го поминува полицискиот автомобил трае вечно. Станува по тежок и потежок со секој лик кој влегува и останува во немо присуство за на самиот крај, откако ќе се ослободи од целата таа тегобност, еден сведок да ги исплаче туѓите солзи.

Бескраен круг на злоставување(The Violators/ Hellen Walsh)Сашо Пшенко
Кога некој би се обидел да го раскаже тмурното секојдневие на периферните, човечки депонии на големите, индустриски градови, а притоа и да ја проектира таа нарација на големото, филмско платно, не би го направил тоа поуспешно од Хелен Волш со The Violators. Насловот, во буквален превод, би значел нешто како „злоставувачите“, и тој самиот може да ја сумира мрачната, животна философија на сите осудени да живеат во таквите услови – секој е секому волк, секој би искористил секого, секој би го прекршил и законот и моралот за да преживее. Никој не верува никому.
Во центарот на случувањата се наоѓа петнаесет-годишната Шели, која очајно се труди да го задржи невешто закрпениот живот на нејзиното полу-распаднато семејство. За жал, таа е обдарена со доблеста „убавина“, последното нешто што би и било потребно во една околина, во која сите посакуваат да останат невидливи. Девојката се наоѓа во зората на едно ново, навидум надежно, поглавје од нејзиниот живот, но нејзините сограѓани, што повеќе би одговарале на соселани, не се воопшто подготвени да и помогнат да тргне напред. Барем не без да плати. Таков е тој свет; лихвари има на секој чекор, за обичните луѓе, тие се и власта и законот и економијата, сите се познаваат меѓу себе, сите си ги знаат мрачните тајни, секој се обидува да си го обезбеди патот до сопствената егзистенција, во суровите услови на таа урбана, бедна, џунгла.
Најиронично е тоа што додека таа, како и секој, бара само некој на кој ќе може да му верува, бегајќи од страшната сенка на нејзиниот уапсен татко, кој ја продавал на мажи, а се изживувал и врз нејзините браќа, несвесно запаѓа во канџите на луѓе што исто толку се обидуваат да ја искористат и изиграат. Нема никој чист, никој чесен во нејзината околина – оној што најмногу и помага, Мајки, на крајот станува нејзин мачител, а нејзината единствена другарка, Рејчел, се разоткрива како огорчената, мизандрична ќерка на Мајки, која сака да се одмазди на „неговите млади мивки“ за тоа што тој ја напуштил нејзе кога и бил најпотребен.
Интересно, овие контрадикции се изразени и на визуелен план – начинот на снимање е неконстантен и камерата варира од нестабилизирано следење на протагонистите, преку дефокализирани кадри(во кои се слуша одвивањето на дејството некаде надвор од кадарот, додека тој е празен), до кинематографски минималистичките, широки кадри од ликовите во статични позиции, или од дивите, валкани, пејзажи на напуштените индустриски зони, во кои се одвива дејството. Паралелно на ова, музиката во филмот е константна и по стил, алтернативна, па предизвикува хипнотизирачки, меланхолични, заморни чувства кај гледачите. На моменти се засилува, на моменти се стишува, но жанровски останува доследна. На ниво на атмосфера, филмот успешно ја доловува монотонијата на секојдневието и ги дозира реакциите на секојдневните проблеми.
Тие реакции на актерите, всушност, го водат овој филм. Двете девојки, Шели(Лорен МекКвин) и Рејчел(Броган Елис), неретко одблиску прикажани, феноменално ги доловуваат комплексните емоции што нивните ликови би ги чувствувале и ја проектираат нивната меѓусебна опозитност и непријатност. Посебно е впечатливо тоа што актерската игра, искомбинирана со сите дополнителни ефекти, кулминира во филм во кој речиси и да нема кулминација – а таа  кулминација, која што се јавува при крајот, е дозирана, минимално засилена и, сепак, нереализирана.
Можеби единственото нешто што во овој филм не одговара, е она што следува по таа пара-кулминација, епилогот, кој прикажува некаква состојба на идилична смиреност и усреќување на ликовите, забележана и по промената на тонот во самиот филм. Перипетијата е прескокната и на нејзино место се јавува некаква форма на deus ex machina, која „волшебно“ ги решава штотуку „изострените“ шилци во карактерните црти на ликовите, кои завршуваат сите изиграни меѓусебе. Така, по крајот, и ние, гледачите, можеби ќе се чувствуваме изиграни од нив.