ПРОМОЦИЈА НА КНИГАТА „ФИЛМ.МКД“ на Игор Анѓелков

ноември 16, 2015
во Категорија: 16.11. (понеделник), Придружна Програма
1575 0
ПРОМОЦИЈА НА КНИГАТА „ФИЛМ.МКД“ на Игор Анѓелков

 

16. 11. | 19:00 | Галерија МКЦ

„ФИЛМ.МКД“ на Игор Анѓелков е преглед на македонскиот филм во новиот милениум низ интервјуа со режисерите на филмовите што авторот на книгата ги направи од 2003 до 2014 година, период кога во етерот се емитуваше неговата авторска емисија, филмскиот магазин „Филмополис“. Книгата е надополнета и со осврти и рецензии кон македонските филмови, објавувани во дневни весници и неделници со кои Анѓелков соработувал во споменатиот период.
Книгата „ФИЛМ.МКД“ на Игор Анѓелков е едно од оние изданија што недостасуваат во домашната издавачка дејност, особено ако зборуваме за литературата поврзана со филмската уметност. Неговиот медиумски ангажман во изминатите 17 години е од непроценливо значење, и токму неговата работа во телевизијата, радиото, печатот, му овозможи на врвен професионален начин да ги проследи сите случувања во домашната кинематографија, низ безброј интервјуа и рецензии што благовремено беа изведени пред судот на јавноста. Токму таа негова работа на полето на седмата уметност тој успеал да ја сублимира и во неговата книга „ФИЛМ.МКД“, која ќе остане како тестамент за следните генерации при нивното интересирање и истражување во однос на случувањата во македонската кинематографија на почетокот од 21 век.
„ФИЛМ.МКД“ хронолошки ги проследува снимањата и премиерите на речиси сите целовечерни македонски остварувања во овој милениум, низ луцидни интервјуа со авторите, но и со пошироката филмска екипа што учествува во реализација на филмските проекти. За целосно заокружување на впечатокот, авторот на крајот од секое поглавје посветено на одреден македонски филм ја приложува и својата рецензија за филмското дело, така збогатувајќи го впечатокот и создавајќи слика за приликите во кои се снимал и создал филмот, кој потоа станал дел од македонската филмска историја.
Да потсетиме дека во изминатите 15 години во Македонија, со поддршка на Филмскиот фонд, сегашната Агенција за филм, се снимија остварувања како никогаш досега, сите од различна жанровска провениенција, создавајќи сосема нова димензија во домашната кинематографија. Како сведок на истите настани, проследувајќи го низ својата емисија „Филмополис“ и низ рецензиите објавени во домашните дневни и неделни весници, Анѓелков е еден вид хроничар на филмските настани, и токму преку неговата книга „ФИЛМ.МКД“ тој успева на читателите да им ја пренесе оваа филмска атмосфера и во вид на печатено дело, кое понатаму ќе остане како момент за истражување и потсетување на идните генерации вљубеници во седмата уметност.

Игор Анѓелков (1974) магистрирал на мастер студиите по „Медиуми и комуникации“ на Правниот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Со медиумско третирање на филмската уметност активно се занимава од 1997 година, најпрво четири години во радиската емисија “REDRUM 103″ на Стотројка, а потоа 11 години на ТВ Телма со магазинот “Филмополис”. Бил член на жиријата на домашните фестивали „Македокс“, „Осфаф“, „Ехо“…
„Филм.мкд“ е негова прва теориска книга, по збирката раскази „Кротки приказни“ (2006) и романите „Крај-пат“ (2010) и „Фото синтеза“ (2013).
Промотори на книгата се Роберт Насков, Претседател на Здружението на филмски работници во Македонија и Мими Ѓорговска-Илиевска, Директорка на Кинотеката на Македонија.